2 Peter 1
1 Симон Петар, слуга и апостол на Исуса Христа, до оние, на кои преку правдата на нашиот Бог и Спасител Исус Христос им се падна да добијат заедно со нас еднаква вера:
2 благодатта и мирот со познавањето на Бога и Христа Исуса, нашиот Господ, да ви се умножи.
3 Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сѐ, што е потребно за животот и побожноста, а преку познавањето на Оној, Кој нѐ повика со Својата слава и совршенство,
4 преку кои ни се дарувани многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, ако се оддалечите од гнилежните похоти на овој свет;
5 затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта разум,
6 кон разумот воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпеливоста побожност,
7 кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов.
8 Оти, ако овие добродетели ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве остават празни, ниту бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос.
9 А при кого ги нема, тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очистил од поранешните гревови.
10 Браќа, затоа уште повеќе настојувајте да го зајакнете вашиот позив и избор, оти, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите,
11 бидејќи по таков начин ќе ви се овозможи слободен влез во вечното царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
12 Поради тоа секогаш ќе се грижам да ви ги напомнувам овие работи, иако ги знаете, и да сте утврдени во сегашната вистина.
13 Па и право е, додека сум во ова тело, да ве подбудувам со напомнување,
14 оти знам дека наскоро ќе го оставам моето тело, како што Господ наш, Исус Христос, ми јави.
15 А ќе се погрижам на ова да се потсетувате секогаш и по мојата смрт.
16 Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи, туку откако станавме очевидци на Неговото величие.
17 Оти Он прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас: »Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение«.
18 И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на Светата гора.
19 А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца.
20 Знајте го прво тоа дека ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот.
21 Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух.